Со претставата „Драми на принцезите“ скопскиот Драмски театар денеска (1 февруари) учествува на фестивалот РУТА во Љубљана. Од 29 јануари до 3 февруари таму се одржува словенечкото издание на регионалниот театарски фестивал РУТА, во организација на Местно гледалишче.
„Драми на принцезите“ е работена по циклусот истоимени постдрамски текстови со поднаслов „Смртта и девојката“ на нобеловката Елфриде Јелинек. Преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска. Режијата е на Жива Бизовичар од Словенија, прв драматург е Ник Жнидаршич, а втор драматург и редакција на превод Викторија Рангелова-Петровска.
Играат седум актерки: Јелена Жугиќ, Ивана Павлаковиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Јасмина Василева, Нина Елзесер и Трајанка Илиева-Вељиќ. Сценограф и автор на музиката е Јан Крмељ, а костимите се на Александар Ношпал.
Премиерата беше на 15 ноември 2024 и досега е изведена шест пати на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје. Гостувањето во Љубљана е нејзината прва изведба во странство.