Сношти во Скопје започна традиционалниот Моден викенд, кој се одржува секоја есен, годинава по 27. пат.
Првата вечер ја отвори Аника Илоска со своето деби со „Перениал“ и колекцијата „Капсула 03“. Колецијата „Перениал“ ги симболизира издржливоста и постојаната еволуција.
Сестрите од дизајнерското дуо Едита и Блерина Деда имаа впечатлив старт на Модниот викенд, со претставувањето на нивната деби колекција „Седумте смртни гревови“. Колекцијата нуди живописни изрази и го означува спојувањето на динамичната креативност и прогресивната мода.
Претставување имаше и Вера Ангелакова со „Облечи ја забавата“. Нејзините дизајни се во духот на забавата и прославите. Радмила Георгиева ја прикажа својата колекција „Слобода“, афирмирајќи го својот матичен Европски универзитет во Скопје.
Александра Митковска го затвори првиот ден на Моден викенд Скопје со својата колекција „Вибрациони дизајн“. Колекцијата е игра на текстури, палети и силуети.
Моден викенд Скопје ќе има и тридневен шоурум, на кој ќе бидат претставени најновите колекции на дизајнерите Мирјана Јосифоска, академската сликарка Љубица М. Солак, Магдалена Таневска и на Александар Топиќ, дизајнер од Нови Сад.
Денеска од 16 часот, на вториот ден од Моден викенд, планирана е работилница со наслов „Редизајн“. Учесниците ќе ја откријат уметноста на везење, трансформирајќи ја старата облека во уметнички дела.
Вечерта се очекува 3-D модна презентација на дизајнерката Емилија Славкова и нејзината колекција „Смилјана“. Дизајнерката Силвија Михајловска од модното студио „Алшар“ и брендот „Kали Роуз“ ќе претстават своите колекции „Фјужн“. Втората вечер завршува со проекција на документарен филм кој го прикажува патувањето на модната дизајнерка Ејми Пауни во нејзината потрага по одржлива мода.
Утре ќе има дебата на тема „Улогата на заедницата во свесниот дизајн“, што ќе ја модерира Љубица Ангелкова, а гостин е уметникот Никола Узуновски (16 часот).
Моден викенд Скопје ќе ги прикаже и колекциите на студентите по моден дизајн од школата „Скала“ (Џолев и уметности). Од 20 часот е модното шоу „Deadstock Generated“ на Хана Зеќа, Моден викенд Скопје ќе го затвори Амра Исмани со ревија која почнува во 21 часот.