СО ВИРТУЕЛНА ИЗЛОЖБА ДЛУМ ЌЕ ГО ПРОМОВИРА НОВИОТ ОБЈЕКТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (13 јуни) во 19 часот, кај фонтаната „Лотус“ во Градски парк во Скопје е свечениот дел од отворањето на виртуелната изложба „Поместени граници“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Станува збор за традиционална изложба од годишната програма на ДЛУМ, но оваа година, целта е со иновативен уметнички пристап да се промовира новиот простор на ДЛУМ на булеварот Илинденска во Скопје.

Изложбата вклучува дела на етаблираните автори Душан Перчинков, Симон Шемов, Коле Манев, Васил Василев, Костадин Танчев-Динка и Ана Темкова и на помладите автори Ана Трајковска, Ана Спасова, Тања Ристевска, Дорина Тенева, Кристијан Јованоски, Игор Танески и Ана Вчкова.

Основната идеја на годинашната изложба и дизајнот на креативата на проектот се на.Христијан Санев.

Делата се изложуваат виртуелно поради специфичноста и руинираноста на просторот во оваа фаза. Концептот предвидува стратешко поставување на кју-ар (QR) кодови низ просторот преку кои ќе се претстават делата на уметниците, истакнувајќи ги потенцијалните позиции за идни уметнички инсталации.

„Овој простор претставува значителна надградба во однос на претходните простории на ДЛУМ, кои не само што беа во лоша состојба, туку и не беа достапни за јавноста. Новиот простор има значителен потенцијал поради неговите капацитет, одлична локација и можност да се трансформира во раздвижен центар со голем број посетители“, велат од ДЛУМ.