Вечерва во 20 часот во „Кино Култура“ во Скопје, ќе биде промовирана новата, двојазична поетска збирка на Владимир Мартиновски, „Сонувани и будни песни“.

Книгата е во издание на „Кликер“, а препевот на англиски јазик е на Милан Дамјаноски. Поделена е на два дела: „Сонувани песни“ (Сонијада) и „Будни песни“ (Будисеја), напишани за време на студискиот престој на авторот во Ајова, САД, од август до ноември 2017 година.

„Двата циклуса содржат по 24 песни, куси, рефлексивни и сликовни, со што авторот останал верен на својот стил, кој секогаш се движи некаде долж границата на хаикуто. Напишана далеку од дома, во друга временска зона, оваа збирка во поднасловите носи една јасна алузија на ‘Илијада‘ и ‘Одисеја‘, т.е. на долгото отсуство од дома и уште подолгиот пат назад. Поезијата овде живее некаде на границата меѓу сонот и јавето“, пишува во изданието поетесата Елизабета Баковска.

Збирката ќе ја промовира академик Влада Урошевиќ.

Мартиновски е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар и преведувач. Работи како редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на повеќе поетски книги, а неговите песни се објавени на дваесетина јазици.

Добитник е на неколку книжевни награди: „Браќа Миладиновци“ (за поезија), „Нова Македонија“ (за расказ) и „Димитар Митрев“ (за книжевна критика).