ГРАН-ПРИТО НА ЗИМСКИОТ САЛОН ЗА ГРАФИКАТА НА ШЌИПЕ МЕХМЕТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Графичарката Шќипе Мехмети го доби Гран-прито на 17. Зимски салон на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, кој се отвори изминатиов викенд во Националната галерија на Македонија – Чифте амам.
Наградата е престој во ателјето на „Сите дез арт“ во Париз, што ја овозможува Министерството за култура.

На темата „Спектрални места” изложени се 60 дела на уметници од Македонија, Англија, Германија, Србија и Хрватска, а селектор на биеналната ликовна манифестација беше српскиот историчар на уметност Никола Шуица.

Претседателот на ДЛУМ, Христијан Санев и реномираниот српски критичар Никола Шуица (Фото: Фејсбук-ДЛУМ)

„Наградата Гран-при се доделува за професионалната изведба и за смелиот пристап во ликовната тема блискост на човечки средби.
Во најдобрата традиција на преиспитување, кршење и надминување табуа, уште од зрелиот модернизам, налик на ликовните фигуративни остварувања на Макс Бекман, награденото дело на Мехмети, изработено во класична графичка техника на длабок печат, ни носи спектрален момент предизвикан од надминувањето на границите“, изјави Шуица.