СТАПАЛКИ НА ПРАИСТОРИСКИ КРОКОДИЛ СТАРИ 250 МИЛИОНИ ГОДИНИ ПРОНАЈДЕНИ ВО АЛПИТЕ

Торино, (Гардијан)

Стапалки за кои се верува дека припаѓаат на праисториски рептил налик на крокодил се пронајдени во италијанските Алпи. Научниците сметаат дека ова неверојатно откритие докажува дека имало преживеани на масовното изумирање пред 252 милиони години.

Добро зачуваната фосилизирана патека, која се состои од десетина стапалки, била пронајдена на надморска височина од 2.200 метри во Алтопијано дела Гардета во западните Алпи. Трагите на предни и задни канџи долги околу 30 сантиметри датираат од пред 250 милиони години, откако областа станала негостољубива по масовното изумирање на крајот на геолошкиот период перм.

Од големината на стапалките и растојанието меѓу нив било заклучено дека тие веројатно припаѓаат на рептил налик на крокодил, долг најмалку четири метри.

„Фосилизираните стапалки се пронајдени во многу влажен талог во кој можеле да бидат зачувани. Нам ни е најневеројатен периодот во кој овој крокодил одел тука, зашто тоа било веднаш по мајката на сите масовни изумирања“, вели палеонтологот Масимо Бернарди.

Изумирањето било предизвикано од нагло покачување на температурите, слично на она што денес се случува на планетата. Досега се веруваше дека преживеаните животни од оваа област мигрирале во други географски широчини.