Ракометарите на Вардар на сензационален начин се пласираа во финалето на Лигата на шампионите, па Стинг ќе мора да има разбирање.
Првпат во својата повеќедецениска кариера, големиот британски музичар го помести почетокот на свој концерт од една ваква причина, но Македонија затоа утре ќе може да ужива во два ретко големи настани.
Вардар го игра финалето со Веспрем од 18 часот и музичкиот спектакл на стадионот „Тоше Проески“ оригинално требаше да стартува во 20 часот, но организаторот „Авалон продукција“ успеа да издејствува настапот на триото на Влатко Стефановски да почне во 20.30 часот, додека Стинг излегува на сцена во 22 часот, половина час подоцна од предвиденото.
Вардарци се надминаа себеси во полуфиналето на Фајнл форот во Келн и го совладаа гигантот Барселона со 29:27, иако десетина минути пред крајот губеа со седум голови разлика. Тоа ги донесе на чекор до ново чудо во Келн.