Стјуардесите на „Кетхеј пасифик“ се изборија да се укине правилото да мора да носат куси здолништа.
Притисната од синдикатот, компанијата од Хонг Конг им дозволи на своите вработени да носат панталони.
Дел од екипажот се жалеше дека се чувствуваат непријатно кога носат куси здолништа, особено кога им помагаат на патниците со багажот или кога доаѓаат на работа со јавен превоз.
Сепак, промената ќе стапи на сила дури откако „Кетхеј“ ќе ги обнови своите униформи, а, според синдикатот, тоа би можело да се одолжи.
„Ја поздравуваме одлуката на компанијата што ни дава опција сами да избереме униформа“, соопшти синдикатот.
Правилото за куси здолништа важеше од основањето на компанијата во 1946 година, иако последниве години често беше критикувано. Стјуардесите побараа промена на дизајнот во 2014 година.