Кога „Морска симфонија“ утре ќе исплови од Барселона, тоа ќе биде најголемиот и најскап крузер на светот.

Во сопственост на компанијата „Ројал карибијан“, тој ќе може да прими повеќе од 5.500 гости и на првото петдневно пробно патување, ќе пристигне на италијанското крајбрежје. Досегашниот рекорд го држеше претходникот на компанијата, „Морска хармонија“, со речиси 5.000 патници.

Компанијата го опишува бродот како врвно игралиште за гости на сите возрасти (Фото: Ројтерс)

Долг 362 метри и тежок 228.000 тони, компанијата го опишува бродот како „врвно игралиште за гости од сите возрасти“. Тие на располагање ќе имаат 20 ресторани и шест барови, а во еден од нив коктели ќе мешаат роботи. Се градеше три години и посебен додаток се 28 луксузно опремени соби со тераси.

Забавните содржини ќе вклучуваат театарски претстави, казино, зип лајн, карпа за качување, кошаркарски терен и миниголф.

Во еден од шесте барови, коктели ќе мешаат роботи (Фото: Ројтерс)

„Секој пат кога претставуваме нов брод, сакаме тој да биде уште поголем, па ова моментално е најголемиот крузер на светот. Создадовме ново ниво на авантура за семејните одмори“, вели директорот на „Ројал карибијан“, Мајкл Бејли.

„Морска симфонија“ официјално ќе ја почне својата пролетна и летна медитеранска сезона на 7 април, при што првите станици ќе му бидат Барселона и Палма де Мајорка. Во ноември, бродот се враќа во своето матично пристаниште во Мајами и ќе тргне кон Кариби.