Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ ќе ја заокружи исклучително успешната сезона со ексклузивен новогодишен концерт, што ќе се одржи вечерва во Националната опера и балет од 20 часот.
„По настапите во САД, Канада, Словенија, Хрватска и Србија, новогодишниот концерт е круна на неверојатната година и ќе изобилува со раскошна музичко-сценска програма, во која ќе учествува целиот ансамбл. На репертоарот се атрактивни кореографски постановки и богат опус од вокално-инструментални композиции, а вклучен е и специјален сплет на ора, со кои ‘Танец‘ ќе му оддаде почит на Тале Огненовски, по повод 100-годишнината од неговото раѓање“, најавуваат од „Танец“
Во пресрет на концертот, НУ „Танец“ и Архитектонскиот факултет во Скопје организираат изложба во фоајето на НОБ, на која се претставуваат студентските архитектонски решенија за мултинаменски објект за „Танец’, со соодветна концертна сала, што е 73-годишната желба на ансамблот.