ТАНГО МАГИЈА СО ПЈАЦОЛА ВЕЧЕРВА ВО ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Танго магија со Астор Пјацола“ е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата од 20 часот, под диригентство на Борјан Цанев. Ќе се изведе Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Пјацола, а како солистка ќе настапи Ана Коловска од Русија. На програмата се и „Песна и танец“ од македонскиот композитор Томе Манчев и „Орава“ од Полјакот Војчех Килар.

Астор Пјацола (1921-1992) е еден од најзначајните аргентински композитори, кој го револуционаризираше традиционалното танго, во кое вклучи елементи од џезот и класичната музика. Првиот концерт за бандонеон и оркестар познат како „Аконкагва“ го создал во 1979 година.

Ана Коловска е родена во 1996 и нејзините изведби се високо оценети од критиката и опишани како „интерпретации исполнети со страст и длабочина, во комбинација со долги и драматични скали, деликатен опсег на звукот и брилијантна техника“.