Под мотото „Украдени движења“, вечерва во 21 часот на отворената сцена во Домот на АРМ почнува 17. Танц фест Скопје. Фестивалот ќе го отвори словенечкиот танчар и кореограф Жиган Крајнчан со неговиот најнов проект насловен „Fusion with myself“, во продукција на „ЕГЗОДОС“ од Љубљана.
Во 22 часот е премиерата на „Не ми ги допирај очите“ на кореографката и танчaрка Адријана Данчевска. Кореографијата ќе биде во изведба на Дејан Битровски и Данчевска, која е задолжена и за костимите, додека музиката е на „Артефакт“ и „Гордан Спасовски трио“.
„’Не ми ги допирај очите’ се поистоветува со човекот во Македонија, го слави животот, убавото во едноставното и гневот на постоењето. Преку оваа претстава, Данчевска испраќа моќна порака, храбро задирајќи во подлабоките слоеви на општествената филозофија со идејата ‘следете политика и главите кон сонцето’“, вели уметничката директорка на фестивалот, Рисима Рисимкин.
Утрешната вечер на Танц фест, од 21 часот, е посветена на студентите и дипломците при Катедрата за современ танц на Универзитетот „Гоце Делчев“.