ТЕАТАР КОМЕДИЈА СО МЈУЗИКЛОТ „БОЛИВУД“ ГОСТУВА ВО БЕЛГРАД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Театар Комедија на 5 декември ќе гостува во Народно позориште во Белград со мјузиклот „Боливуд“ на режисерката Наташа Поплавска. „Боливуд“ е првиот мјузикл на Театар Комедија, работен по текст и песни на српската писателка Маја Пелевиќ, чија премиера беше во ноември 2019.

„Боливуд како индустрија за забава и среќа станува место за подем на солидарноста и хармонијата, вредности кои ги имаме заборавено во пост-комунистичкиот период, транзицијата и апсурдното време во кое живееме. Овој наш мјузикл гради своја кабаретско-боливудска форма која допира до нашите блиски колективни мемории“, изјави Поплавска по премиерата.

Во мјузиклот играат Жаклина Стевковска, Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Жарко Димоски, Ева Скендеровска, Миа Кантарџиева и Сергеј Димовски. Претставата ја подготвија: Огнен Анастасовски – автор на музиката, Емил Петров – сценограф и видеоаниматор, Милчо Александров – дизајнер на светло, Бојан Угриновски и Томи Анчов – дизајнери на звук и Сара Пројковска и Ана Костадиновска – вокални корепетитори. Наташа Илиевска ги преведе текстот и песните заедно со Поплавска, која се јавува и како костимографка и кореографка.

Гостувањето е во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“.