Актери од Народниот театар во Штип во друштво на голем број ученици вчера со претстава на плоштадот Слобода го најавија 9. Театарски фестивал за деца „Малиот принц“. што ќе трае од денеска до недела.

„Денеска ќе се изведе претставата ‘Трнорушка’ на Центарот за култура ‘Трајко Прокопиев’ од Куманово, утре е претставата со екоприказна ‘Зеленковци‘ на Театар Провокација од Скопје, а в недела е ‘Ивица и Марица’ во изведба на Театарот за деца и младинци од Скопје, што ќе биде прва куклена претстава во Штип по долго време“, вели директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, Горан Трајков.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи симпозиум на тема „Местото на кукларството во современиот театар“.

Фестивалот и оваа година ќе се одржи под ковид протоколи и со редуциран број на публика во големата сала на Домот на културата во Штип. Претставите секоја вечер почнуваат во 19:30 часот.

Т. ЈОВАНОВСКИ