УНЕСКО ја вклучи техно сцената на Берлин на својата листа на нематеријало културно наследство.
Главниот град на Германија е познат по својата жива техно сцена, но тамошните клубови и натаму страдаат од последиците на пандемијата на ковид-19.
„Ова е огромно признание за берлинските техно продуценти, уметници, менаџери на клубови и организатори на настани. Оваа одлука ќе помогне клупската култура да биде препозната како вреден сектор достоен за заштита и поддршка“, изјави Луц Лајхзенринг, член на управниот одбор на „Клубкомисион“, мрежа на клубови и промотори од Берлин.
Нематеријално културно наследство опфаќа практики, ритуали, знаења, вештини и изведувачки уметности, како музика, танц и театар.
„‘Крафтверк‘ и афроамериканските диџеи и продуценти имаа значаен придонес за развојот и ширењето на техно културата“, додаде Лајхзенринг.
Повеќе од десет години се водеше кампања за вклучување на берлинската техно култура на оваа листа.
„Техното е фундаментален дел од градот. Во другите градови, луѓето не би прифатиле музика која е навистина тешка, чудна и полна со синтисајзери и брутални, искривени ритми. Тука е сосема прифатливо да се игра на ваква музика за време на ручек. Техното стана прибежиште за луѓето кои се маргинализирани, а Берлин е попопустливо од други места“, вели Питер Кирн, диџеј и музички продуцент од Берлин