ТЕЛЕСКОПОТ „ЏЕЈМС ВЕБ“ СЕ ПАРКИРАШЕ НА ПОЗИЦИЈАТА ОД КАДЕ ШТО ЌЕ ЈА ИСТРАЖУВА ВСЕЛЕНАТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Триесет дена откако беше лансиран, телескопот „Џејмс Веб“ пристигна на позицијата во вселената од каде што ќе го набљудува универзумот. Лагранжовата точка 2, како што е позната, е оддалечена 1,5 милиони километри од Земјата.

Во наредните месеци, контролорите на Земјата ќе го подесуваат телескопот за да го подготват за идните научни истражувања. Меѓу клучните задачи се вклучувањето на четирите инструменти и фокусирањето на огледалата на опсерваторијата.

„Ќе биде потребен голем напор за да се извлечат тие 18 сегменти од нивната моментална состојба и да се натераат да дејствуваат како едно големо огледало“, изјави главниот инженер на проектот, Чарли Аткинсон.

„Џејмс Веб“, кој се смета за наследник на вселенскиот телескоп „Хабл“, беше лансиран на 25 декември по 30 години развој и изградба и негова задача ќе биде да ги снима најраните ѕвезди во универзумот и да истражува далечни планети за да се види дали има услови за живот на нив.

„Веб“ ќе ја набљудува вселената во инфрацрвена светлина, со што ќе може да гледа низ прашина и да ги види ѕвездите кои инаку би останале скриени.