Се прават последните подготовки за лансирањето на вселенски телескоп кој треба да ја создаде најголемата и најточна 3-Д мапа на вселената и да ги открие мрачните сили кои ја обликуваат.
„Евклид“, милијарда евра вредниот проект на Европската вселенска агенција (ЕСА), ќе набљудува повеќе од една третина од небото и милијарди галаксии за да фрли светлина врз темната енергија и темната материја, кои заедно сочинуваат 95% од универзумот.
„Тоа е едно од најголемите прашања во науката. Не знаеме што е целото ткиво на универзумот. Тоа е нашето потекло, нашата основа“, изјави Изобел Хук, астрофизичарка од Универзитетот Ланкастер.
Наречен според древниот грчки математичар и основач на геометријата, „Евклид“ утре ќе тргне на едномесечното патување до својата точка на набљудување, која се наоѓа на 1,6 милиони километри од Земјата. Ќе носи телескоп со дијаметар од 1,2 метра и два научни инструмента.
Шестгодишната мисија има за цел прецизно да мапира како темната материја се собира околу галаксиите и ги поставува темелите за својата космичка мрежа што се протега низ универзумот.
(Фото: ЕСА)