ТЕТОВСКИ УЧЕНИЦИ ПРЕКУ ЦРТЕЖИ ИСПРАТИЈА ПОРАКИ ПРОТИВ НАСИЛНИОТ ЕКСТРЕМИЗАМ

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

Учениците од неколку тетовски основни и средни училишта преку цртежи го кренаа својот глас против насилниот екстремизам. На креативната работилница организирана во основното училиште „Лирија“ од невладината организација „ЦИВИЛ“, тие во рамките на проектот „Обединети против насилството“ изработуваа цртежи и насликаа големо платно, на кое ги испишаа своите пораки за мир и ненасилство.

„Оваа креативна работилница е само една компонента од проектот ‘Заедниците против насилниот екстремизам‘ и е наш напор да придонесеме за надминување на опасностите од насилниот екстремизам и од радикализацијата во општеството. Во проектот соработуваме со локалните самоуправи“, изјави Џабир Дерала од „ЦИВИЛ“.

Тој додава дека, за среќа, насилниот екстремизам не е присутен во училиштата.

„Постојат одредени девијантни појави, но тоа ни оддалеку не може да се окарактеризира како насилен екстремизам. Сепак, ние одиме по училиштата, бидејќи тие се местата каде се зачнува потенцијалното екстремизирање и радикализирање на граѓаните, на што можеме да се спротивставиме со дијалог, креативна идеја и заеднички активности. Слободно може да се каже дека младите се извонредно свесни за она што се случува во општеството и најголем дел од нив имаат добри решенија и пораки“, додаде Дерала.

З. АНДОНОВ