ТИГАР ВО ЊУЈОРК ЗАРАЗЕН СО КОРОНАВИРУС, НО НЕМА ДОКАЗИ ДЕКА ЖИВОТНИТЕ МОЖАТ ДА ГО ШИРАТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Од Њујорк дојде веста дека малајски тигар од зоолошката градина во Бронкс имал позитивен тест на коронавирус и дека најверојатно се заразил од чувар кој бил без симптоми на болеста. Освен четиригодишната тигрица Надја, симптоми имале уште шест големи мачки, но тие засега не се тестирани.

„Надја почна да покажува симптоми, вклучувајќи сува кашлица, на крајот на минатиот месец. Освен што има намален апетит, таа е добро и интерактивна“, кажаа од зоолошката, која е затворена за посетители од 16 март.

Се верува дека ова е прв случај на пренесување на вирусот од човек на животно во САД, но не и во светот, што вклучува два изолирани случаи на заразени кучиња во Хонгконг. Експертите досега посочуваа дека нема докази дека животни можат да се разболат или натаму да го шират вирусот.

Иако се развил во дивиот свет, коронавирусот што ја предизвикува болеста КОВИД-19 се рашири низ светот преку трансмисијата човек на човек. Светската здравствена организација вели дека нема докази дека мачки и кучиња можат да го пренесат коронавирусот, но на заразените луѓе им се препорачува да го ограничат контактот со своите миленици.

„Интересно е што тигарот покажувал клинички знаци својствени за КОВИД-19 кај луѓето“, изјави д-р Сара Кеди, експерт по ветерина од Универзитетот Кембриџ.