ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ Е ДОБИТНИК НА ГОДИНАШНАТА АКТЕРСКА НАГРАДА „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Тони Михајловски е годинашниот добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“ за актери од средната генерација, како што пишува во конкурсот на Општина Велес и велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Одлуката ја објави тричленото жири, во состав Слободанка Чичевска, Фаик Мефаилоски и Благојчо Стојанов, сите актери од Велешки театар.

Тие потенцира дека Михајловски повеќе од 30 години е дел од македонските култура и уметност, прифатен поради неговите карактеристичност и посветеност.

„Тони Михајловски е актер, но и режисер, текстописец, ТВ-водител. Преку сите овие области тој се етаблираше во една од најсестраните личности во македонските култура и уметност, остварувајќи автентични, препознатливи изведби, забележани од публиката и критиката. Михајловски е актер кој вредно и трпеливо ја гради својата кариера и прерасна во една од најдоминантните појави, не само на македонската, туку и на балканската театарска и филмска сцена“, кажа Чичевска.

Наградата ќе му биде врачена на отворањето на театарскиот фестивал „5ре“ на 20 март, кога ќе биде изведена претставата „Вечера за глупаци“, премиера на Велешки театар. На фестивалот ќе бидат одиграни седум претстави, од нив една детска.

П. ПЕЧКОВ