Доналд Трамп порача дека со задоволство би се соочил со Опра Винфри на претседателските избори во 2020 година, откако по нејзиниот моќен говор на вчерашните Златни глобуси се појавија информации дека таа е подготвена да се активира на политичката сцена.
„Го прифаќаме предизвикот, без разлика дали е тоа Опра Винфри или некој друг. Сите кандидати се добредојдени“, изјави заменикот прес-секретар на Белата куќа, Хоган Гидли.
Шеесет и тригодишната влијателна ТВ-водителка го украде шоуто на доделувањето на Златните глобуси со својот говор по примањето на наградата за животно дело, по што на социјалните мрежи почна да се шири кампањата „Опра за претседател“. Си-Ен-Ен потоа објави дека таа сериозно размислува за влез во политиката, цитирајќи двајца нејзини блиски соработници.
Во минатото, Доналд Трамп во повеќе наврати има изјавено дека ѝ се воодушевува на Опра.
„Ја сакам Опра, таа секогаш ќе биде мој прв избор. Таа е извонредна, талентирана и добра личност, таа ми е пријателка. Ако се кандидира за претседател, лесно би победила“, изјави Трамп во едно интервју во 2015 година.
Тој има гостувано во нејзиното шоу повеќе пати и уште во 1988 година дискутираа за неговите претседателски амбиции.