„ТРИ“ ГО ОБЈАВИ ПОВИКОТ „КАРАНТИНСКИ ПРИКАЗНИ“, НАЈДОБРИТЕ ЌЕ СЕ ОБЈАВАТ ВО КНИГА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Издавачкиот центар „Три“ ја започна акцијата Пишувачки предизвик, наречен „Карантински приказни – Антологија на изолацијата“. Оттаму велат дека целта на акцијата е да се поттикне пишување раскази во овој период на изолација, кои потоа ќе бидат собрани на едно место.

„Со собирање на кратки раскази, што се очекуваат од сите пишувачи кои во овие моменти имаат инспирација и сила за пишување, оваа акција е добар потег за засведочување на овој бурен и, на моменти, нестварен период“, велат од „Три“.

На повикот можат да се јават сите пишувачи, и искусни и помалку искусни. Расказите немаат ограничување во однос на стилот и обемот. Сите творби ќе бидат прочитани од редакцијата на „Три“ и објавени во една книга, а за авторите на најдобрите раскази постои можност за подолгорочна соработка со издавачот. Книгата нема да биде продажна и ќе биде достапна во електронска верзија за сите читатели.

Рокот за праќање на творбите е до крајот на април, на [email protected]