ЦЕЛОСНО АЛБИНО ПАНДА ЗА ПРВПАТ СНИМЕНА ВО ДИВИНА

Пекинг, (Си-Ен-Ен)

Целосно албино џиновска панда е снимена како талка низ бамбусови шуми во Кина. Снимката била направена со инфрацрвена камера во април во националниот природен резерват Волонг, на височина од околу 2.000 метри.

„Ваква панда никогаш досега не била снимена во дивина“, изјави Ли Шенг од Универзитетот во Пекинг.

Тој додаде дека животното не е постаро од една-две години.

„Пандата изгледаше силно, а нејзините чекори беа стабилни, што значи дека генетската мутација веројатно не ѝ се одразила врз животот“, вели Шенг.

Според „Нешнал џиографик“, животните со албинизам се во поголема опасност од предатори, бидејќи полесно можат да се забележат и имаат послаб вид.

Џиновска панда спаѓа во загрозен вид и во дивина има само уште 1.864 примероци.