Ловци на елени на рускиот Арктик пронашле извонредно зачуван леш на пештерска мечка од ледено доба, за која се смета дека исчезнала пред 15.000 години.

Мечката, која е откриена на Љаховски Острови, има целосно зачувани заби и нос. Научниците досега имаат наоѓано само коски од овој тип мечка, па затоа ова откритие го сметаат за исклучително важно.

„Ова е првпат да се открие целосен леш на пештерска мечка, вклучувајќи го и мекото ткиво. Тој е целосно зачуван, сосе внатрешните органи и носот“, изјави Лена Григорјева од Североисточниот федерален универзитет во Јакутск.

Првичните анализи кажуваат дека станува збор за возрасна мечка, која живеела во периодот пред 22.000-39.500 години.