14-годишниот Петар Маниќ, кој ја игра главната улога во првиот македонски детски семеен филм „Стела“, е внук на доајенот на македонската забавна музика Томислав Маниќ, најпознат по евергрините „Кажи зошто ме остави“ и „Црвени рози“. Режисер е Стојан Вујичиќ, а премиерата е на 18 септември, на отворањето на 16. фестивал на европски филм Синедејс.

Ова е филмско деби за Петар, кој го игра 10-годишниот Никола, кој по обидот за самоубиство поради чести малтретирања на училиште се зближува со шарпланинката Стела, која му ја враќа вербата во живот.

„Многу ми значеше да ја добијам улогата и бидејќи долго траеше кастингот, мислев дека нема да успеам. Кога ми се јавија, бев пресреќен и не знаев дома како да објаснам бидејќи дома не знаеја за оваа моја желба. Добив поддршка од сите. Многу научив од целата екипа на филмот и многу сум ѝ благодарен“, вели Петар.

Продуцентот Огнен Антов, Петар Маниќ, Мони Дамевски, Александар Маниќ и Дејан Лилиќ на вчерашната прес-конференција во МКЦ (Фото: МКЦ)

„Мојот внук успеа да ме надмине во глумата. Јас како дете глумев во театарска претстава ‘Зона Замфирова’, но овој филм е нешто најубаво што имам видено. Се надевам на голем успех“, ни изјави 87-годишниот пејач.

Родителите на Никола ги играат Дејан Лилиќ и српската актерка Христина Поповиќ, која двапати освои Златна арена на Филмскиот фестивал во Пула, а во кастингот се и Тони Михајловски и Симеон Дамески. Филмот е правен по сценарио на Ева Камчевска, а продуцент е Огнен Антов.

Б. НЕСТОРОСКА