ЦРНОГОРЕЦ ЗАПИША ФАКУЛТЕТ НА 88 ГОДИНИ И Е НАЈСТАРИОТ БРУЦОШ ВО РЕГИОНОТ

Подгорица, (Н1)

Бранислав Радуловиќ е најстариот бруцош во Црна Гора, а веројатно и во регионот, откако го запиша Машинскиот факултет во Подгорица на 88 години. Тој вели дека станал студент во деветтата деценија од животот за да им покаже на младите дека старите не се за фрлање.

„Сакам да им покажам на младите генерации дека и кај нас старите има потенцијал што може да им користи“, вели Радуловиќ.

Цел живот работел како геометар и бидејќи морал да го издржува семејството, никогаш не го завршил Геолошкиот факултет во Белград. Вели дека за својата одлука да студира на стари години не добил голема поддршка од семејството, најмногу зашто е голем трошок и секој ден мора да патува по 30 километри.

„Колегите-студенти во почетокот мислеа дека сум професор и дека сум залутал, но потоа ме прифатија со воодушевување. Сите ми се обраќаат со колега“.

Досега не полагал ниеден испит, само колоквиуми.

„Не сум ни најдобриот, ни најлошиот студент, во златна средина сум“, признава Радуловиќ и додава дека најтешките предмети му се математика и физика зашто денес се предаваат на поинаков начин.