Турција ќе биде земја во фокус на шестото издание на фестивалот за литература и илустрација за деца и млади Литера во Скопје, од каде што како гости доаѓаат тројца илустратори и една авторка. Фестивалот ќе трае од 15 до 18 мај, а настаните ќе се одржуваат во Младински културен центар.
„Годинава сме во Младински културен центар, зашто ова е фестивал за младите, за оние кои допрва треба да се развиваат и да бидат идна читателска публика. Програмата е наменета за публика од три до 77 години“, кажа директорката на фестивалот Софија Семенпеева.
Најавено е дека ќе има изложби на гостите илустратори Гизем Ѓозде Учар, Мурат Калкавам и Серхат Албамја и разговор со авторката Зејнеп Севде Паксу, а за првпат ќе се организира и изложба во чест на претходниот добитник на наградата Литера, на која ќе биде претставен илустраторскиот опус на Наташа Андонова.
„Новина оваа година е и Литера саем на сликовници и литература за деца и млади, со цел на едно место, покрај мастеркласови, работилници, изложби и трибини, да може да се дојде до литература за деца“, кажа Семенпеева.
Свеченото отворање е на 15 мај во 19 часот, а најавените содржини почнуваат следниот ден од 10 часот.
Г. КОНЕВ