УМЕТНИКОТ ЃОРЃЕ ЈОВАНОВИЌ ЈА ОБЈАВИ ГРАФИЧКАТА НОВЕЛА „ХАШИШ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ ја објави графичката новела „Хашиш“ по текст на Анри Мишо, која ќе биде промовирана в петок во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ). „Хашиш” е седма книга од стрип-едицијата „Лифт” на издавачката куќа „Темплум“.

„Светот во графичката новела ‘Хашиш’ изобилува со ситуации кои претставуваат огромен предизвик да бидат преточени во слика или пак графичка новела“, вели уметникот

На промоцијата и изложбата ќе биде презентиран целиот процес на изработка на графичката новела, како и селекција на цртежи, развојните фази на книгата, неколку решенија за корицата и фонтот што специјално е изработен за потребите на оваа графичка новела.

Мишо е еден од најуникатните творци на 20. век, кој покрај пишувањето поезија, проза и патеписи, долги години се занимавал со сликарство. Во еден период од неговото творештво користел дроги, особено мескалин, за да достигне состојба на поголема чувствителност, што би влијаела врз неговата уметност.

„За мене беше важно тоа да не биде ‘сува’ илустрација на текстот туку поттик да го пресоздадам со една моја визура. Светот во ‘Хашиш’ изобилува со ситуации кои претставуваат огромен предизвик да бидат преточени во слика или пак графичка новела. Исто така и фактот дека текстот нема класична наративна линија, туку претставува збир на фрагменти или пак дневник што тој го водел додека експериментирал со хашишот”, вели Јовановиќ.