УНГАРСКИОТ РЕЖИСЕР БЕЛА ТАР В САБОТА ЌЕ ОДРЖИ МАСТЕРКЛАС ВО КИНОТО „ФРОСИНА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Еден од највлијателните и најреволуционерни европски режисери, Унгарецот Бела Тар на 17 јули (сабота) ќе одржи мастерклас во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Гостувањето на Тар е дел од 20. Фестивал на европски филм Синедејс во Скопје (15-21 јули), а претходно, в сабота во 12 часот ќе биде прикажан неговиот филм „ Хармониите на Веркмајстер“, кој е и тема на мастеркласот.

„Неговиот стил еволуираше со текот на годините, од раните филмови како ‘Семејно кино’ (1979) и ‘Отпадник’ (1981) до неговите проекти ‘Сатантанго’ (1994), ‘Хармониите на Веркмајстер’ (2000), постепено оддалечувајќи се од она што тој го нарече ‘социјален филм’ до поновите, длабоко атмосферски филмови како ‘Коњот од Торино’ (2011)“, најавува Синедејс.

Бројот на присутни е ограничен. МКЦ вели дека е задолжително претходно пријавување на [email protected] со име, презиме и маил адреса.