Уникатни креации со мотиви од делата на уметникот Пабло Пикасо како инспирација изработија студентите од Институт за текстилно инженерство при Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, во соработка со професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева.
Креациите беа прикажани сношти на модна ревија во Музејот на Град Скопје, на настанот „носиме УМЕТНОСТ/llevamos ARTE“, кој го организираше Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Како омаж на шпанската уметност, настанот кој на интересен начин ги поврза модата и уметноста го обележаа делото на Пабло Пикасо и кубизмот.
Инспирација на студентите по мода на Георгиева беше уметничката продукција на Пикасо, кој како еден од основачите на кубизмот, има значителен придонес за развојот на модерната уметност во 20. век. И учениците од средното училиште „Димитар Влахов“ учествуваа во проектот, во делот на шминката и фризурата на моделите.
„Драго ми е што делата на Пабло Пикасо беа инспирација за иновативните креации на студентите“, кажа шпанскиот амбасадор Хосе Луис Лозано Гарсија на настанот.
Моделите беа од модната агенција „Подиум“ на Света Богова-Јовановска, организаторката на Моден викенд Скопје. Освен оригиналноста на креациите, внимание привлече и музиката, избрана од претставниците на вибрантната сцена на електронската музика на Шпанија, авангардната композиторка Едит Алонсо и продуцентот и диџеј Пионал.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ