Велес ја одбележа 20-годишнината од смртта на Данка Фирфова, првата школувана македонска оперска певица, организирајќи настан во Ликовниот салон насловен „Живот посветен на музиката“. За нејзиниот животен пат говореше проф. д-р Мирјана Павловска-Шулајковска, авторка на монографијата за Фирфова. Кажа дека истражувањето за реконструкцијата на нејзиниот уметнички живот била макотрпна и обемна работа.
„Работата бараше темелно истражување на сите артефакти што постојат за неа, како и консултации со личности кои живееле и твореле во нејзиното време. Потоа имаше собирање фотографии од приватни архиви и од архивата на Македонскиот народен театар. Данка Фирфова е маркантна личност во македонската музичка култура, прва школувана македонска оперска певица, еден од основоположниците на МНТ и учесник во првата оперска претстава на македонски јазик ‘Кавалерија рустикана‘ во 1947 година“, кажа Павловска-Шулајковска.
Таа потсети дека Данка, која е родена во Велес, ја наследила музикалноста на нејзината мајка Цанда.
На настанот присуствуваше и оперската дива Милка Ефтимова, која сподели спомени за нивната соработка.
„Првата опера во која што бев професионално ангажирана во Скопје беше ‘Трубадур‘ и пеев заедно со Данка Фирфова. Пресреќна сум што ја имав таа чест да настапувам со неа. Ние не бевме само колешки, туку и пријателки, како две сестри. Таа ме храбреше и ми даваше сила пред настапите“, рече Ефтимова.
П. ПЕЧКОВ