Велешката библиотека „Гоце Делчев“ издаде три аудиокниги за деца и лица со проблеми со видот. Издадени се „Сон на тркала“ од Стојан Тарапуза, „Сказна за детето Вилен“ од Глигор Поповски и „Грдото пајче“ од Ханс Кристијан Андерсен, што беше финансирано од Министерството за култура.
„Следејќи ги трендовите на модерниот живот, аудиокнигата зема сѐ поголем замав. Луѓето сѐ повеќе се насочуваат кон слушање книги во автомобил додека патуваат или при рекреативни активности. Затоа овој проект има големо значење не само за слепите лица, туку и за целата популација“, кажа Гордана Васкова, в. д. директорка на библиотеката.
Тие досега имаат издадено 17 аудиокниги. Васкова вели дека „Гоце Делчев“ е единствената локална библиотека во државата која има оддел за слепи читатели со аудиокниги и книги со Брајово писмо.
Деновиве добиле девет нови книги со Брајово писмо издадени од Здружението на слепи лица од Велес, финансиски помогнато од Општина Велес. Отпечатени се „20.000 милји под морето“ од Жил Верн, „Оливер Твист“ од Чарлс Дикенс, „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски, „Гроб за душата“ од Живко Чинго, „Чија си“ од Сашо Насев, „Милион маченици“ од Ристо Крле, „Дилбер Стана“ од Столе Попов, „Дружината братско стебло“ од Јован Стрезовски и „Островот со скриеното богатство“ од Роберт Стивенсон. Здружението на слепи лица од Велес досега има издадено 47 книги со Брајово писмо.
П. ПЕЧКОВ