Со претставата „Херои 4:33“, велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ вечерва гостува во Ниш во тамошното Народно позориште. Проектот е во режија на Деан Дамјановски, а премиерно беше изведен на Млад отворен театар (МОТ) лани во декември.
Станува збор за мултимедијален перформанс со три инсталации, три сцени и три простории, а во секоја има по еден гледач. Секоја сцена трае по 4:33 минути, колку што трае познатата композиција на Џон Кејџ.
Претставата ќе се изведе двапати, а играат Исидор Јовановски, Кети Борисовска и Васил Зафирчев. Текстот е на Сашо Димоски, сценографијата на Филип Коруновски, костимите на Елена Вангеловска, видеодизајнот на Данчо Стефков, а музиката на Сашко Костов.
П. ПЕЧКОВ