Папата Фрањо испрати пораки за мир и соживот и ја величеше етничката и верска разновидност на Македонија, кога денеска стана првиот поглавар на Римокатоличката црква кој ја посетил земјата. Освен со државниот врв, папата се сретна и со обичните граѓани на улиците на Скопје и одржа литургија на плоштад Македонија.

- Папата Фрањо пристигна на скопскиот аеродром во утринските часови и притоа беше пречекан од претседателот на заминување Ѓорге Иванов и од премиерот Зоран Заев.
- Иванов беше домаќин на средбата на државниот врв и папата во претседателската резиденција на Водно.
- „Македонија е пример за мирен соживот и мост меѓу истокот и западот. Се надевам дека оваа интеграција ќе се развие на таков начин што од неа корист ќе има целиот регион на Западен Балкан“, изјави папата при средбата со Иванов.
- Тој потоа ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза, каде што се помоли, се сретна со претставници на верските заедници во Македонија и ги ислуша пораките на граѓаните од ранливи категории.
- Централен настан беше литургијата што папата Фрањо ја одржа на плоштад Македонија пред неколку илјади верници, од кои некои беа дојдени од странство.
- „Рамнодушноста и клеветите да се заменат со чувствителност и надеж, да се надминат стереотипите и повеќе да се грижиме еден за друг. Гладни сме за добрина и солидарност. Како затвореници на виртуелноста, ги загубивме вкусот и мирисот на реалноста“, се дел од пораките на папата Фрањо.



