ВЛАДИМИР ТРКАЉАНОВ ОД КОЧАНИ ПОБЕДИ НА ПРВИОТ МЕЃУНАРОДЕН ШАХОВСКИ ТУРНИР ЗА СЛЕПИ ЛИЦА ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

ФИДЕ мајсторот Владимир Тркаљанов од Кочани е победник на првиот меѓународен шаховски турнир за слепи лица во Штип. Во конкуренција на 16 шахисти од Македонија, Србија и Бугарија, тој беше најуспешен и ги победи сите свои противници.

„Ова ми е прво учество на еден ваков шаховски турнир, но не и прв настап во Штип, затоа што играв на големите шаховски турнири што тука се одржуваа пред 40 години во чест на Денот на ослободувањето на градот. Во тие години имав реми партии со велемајсторите од Србија, Матуловиќ, Ивановиќ и други. Тогаш играв со помош на контактни леќи, но после веќе не ми помагаа, па сега со 99 проценти оштетен вид играм на турнири за слепи и слабовидни лица“, вели Тркаљанов.

Второто место го освои мајсторскиот кандидат Лука Булатовиќ од Белград, член на шаховскиот клуб за слепи лица од Краљево

„Имам само два процента од видот. Јас ја гледам таблата во мојата глава и на слепо ги правам шаховските комбинации. Настапувам и на турнири кои не се специјално за слепи лица и мислам дека добро се носам со моите противници. Имам неколку реми партии против велемајстори кои немаат проблеми со видот“, вели Булатовиќ.

На турнирот учествуваа и три жени, кои играа рамноправно и против мажите по швајцарски систем. Првата награда ја освои Илинка Делова од Бугарија, а посебни признанија добија Олгица Ангелова и Ливанта Дивчова од Штип.

Т. ЈОВАНОВСКИ