ВО АНГЛИЈА ЌЕ СЕ ПИЕ ПОДОЛГО ЗА СВАДБАТА НА ХАРИ И МЕГАН

Лондон, (Мирор)

На пабовите и баровите ќе им биде дозволено да работат подолго во чест на свадбата на принцот Хари и Меган Маркл.

Британската влада даде зелено светло за продолжено работно време на угостителските објекти од економски причини, па на 18 (петок) и на 19 мај (сабота), кога е и финалето на англискиот фудбалски куп, тие ќе бидат отворени до еден час по полноќ.

Последниот повод кога беше издадена ваква посебна дозвола беше 90. роденден на кралицата Елизабета Втора, во јуни 2016 година. Работното време на пабовите беше продолжено и за Светското првенство 2014 во Бразил, како и за свадбата на принцот Вилијам и Кејт во 2011 година.

„Кралската венчавка ќе биде национална прослава и сакаме сите најдобро што можат да го искористат овој историски настан. Се надеваме дека со олеснувањето на работното време луѓето ќе го продолжат одбележувањето на овој посебен настан за целата нација“, изјави министерката за внатрешни работи Амбер Руд.

Одлуката беше поздравена и од Британската асоцијација на пивници и пабови.