ВО БАРСЕЛОНА СЕ ОДРЖА „БЕЗБЕДЕН“ КОНЦЕРТ ЗА 5.000 ЛУЃЕ, ВО НАРЕДНИТЕ 14 ДЕНА ЌЕ СЕ ВИДИ ДАЛИ НЕКОЈ СЕ ЗАРАЗИЛ

Барселона, (Би-Би-Си)

Околу 5.000 луѓе добија можност да присуствуваат на концерт во Барселона, што беше еден од најголемите собири во Европа од почетокот на пандемијата. Шпанските власти го дозволиле концертот на групата „Лав оф лезбијан“ како дел од пилот-проект.

Сите присутни дента се тестираа за коронавирус и во салата мораа да носат маска, но не и да држат растојание. Оние што имале карта можеле да влезат дури откако на својот смартфон добиле потврда дека се со негативен тест.

Концертот беше дел од истражувачки проект кој испитува дали е можно да се организираат безбедни масовни настани кои вклучуваат претходно брзо тестирање на присутните. Ова следува по сличен експеримент во Холандија, каде што фановите можеле да присуствуваат на дводневен музички фестивал со приложен доказ за негативен тест за коронавирус.

„Очекуваме да биде целосно безбедно. Во наредните 14 дена ќе видиме колку од присутните ќе имаат позитивен тест и ќе известиме“, изјави шпанскиот лекар Хосеп Марија Либре.

Пандемијата ја уништи концертната индустрија. Европската музичка индустрија изгубила 76% од приходите во 2020 година.