Египетски археолози јужно од Каиро открија добро сочувана гробница стара 4.400 години, декорирана со хиероглифи и статуи. Властите очекуваат уште повеќе откритија во следните месеци.
Гробницата беше пронајдена во затрупан рид во древната некропола во Сакара. Генералниот секретар на Врховниот совет за антиквитети Мостафа Вазири рече дека гробот бил недопрен и го опиша како уникатно откритие за последниве децении. Гробницата датира од периодот на владеењето на Нефериркаре Какаи, третиот крал од Петтата династија од Старото кралство.
Археолозите во четвртокот го отстраниле последниот слој од гробницата и внатре наишле на пет отвори кои наликуваат на дупки. Истражувањата на дупките почнуваат од денеска.
„Не можам ни да замислам што сѐ има внатре. Можеби има ковчег или саркофаг на сопственикот на гробницата“, рече Вазири.
Гробницата е десет метри долга, три метри широка и околу три метри висока. Ѕидовите се декорирани со хиероглифи и со статуи на фараони.
„Гробот е уникатен поради статуите и нивната совршено зачувана состојба. Бојата е речиси недопрена, иако гробот е стар 4.400 години“, рече Вазири.
Петтата династија владеела со Египет од 2.500 до 2.350 година пред нашата ера, брзо откако била изградена Големата пирамида во Гиза.