ВО ЕГИПЕТ ПРОНАЈДЕНА НАЈСТАРАТА ПИВАРНИЦА НА СВЕТОТ

Каиро, (АП)

Американски и египетски археолози го пронашле она за што веруваат дека е најстарата пиварница на светот. Мостафа Вазири, генералниот секретар на Врховниот совет за антиквитети, изјави дека фабриката е пронајдена на еден од најпознатите археолошки локалитети во Египет, Абидос, лоциран во пустината западно од реката Нил.

Според него, фабриката датира од времето на кралот Нармер, кој го обединил древниот Египет на почетокот на периодот на Првата Династија (3150-2613 година пред нашата ера). Археолозите пронашле осум огромни единици, секоја долга 20 метри и широка 2,5 метри.

(Фото: АФП)

„Секоја единица се состои од 40-ина керамички садови поставени во два реда, кои биле користени за загревање на мешавината од зрна и вода за да се добие пиво“, вели Вазири.

Метју Адамс од њујоршкиот Институт за ликовни уметности, кој ја предводи заедничката мисија, вели дека фабриката очигледно била изградена во оваа област за да обезбеди кралски ритуали со пиво, имајќи предвид дека археолозите имаат пронајдено докази дека пивото се користело во ритуали на жртвување во древниот Египет.

Британските археолози први ја спомнале оваа фабрика во почетокот на 20. век, но не можеле да ја утврдат нејзината локација, велат од египетското министерство за антиквитети.