НАЈВИСОКАТА ТЕМПЕРАТУРА НА ЗЕМЈАТА ДОСЕГА ИЗМЕРЕНА ВО КАЛИФОРНИЈА – 54,4 СТЕПЕНИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Температура од 54,4 Целзиусови степени била измерена викендов во Долината на Смртта во Калифорнија, што се верува дека е најголемата жештина досега регистрирана на планетата. Таа е потврдена и од Националната метеоролошка служба на САД.

Ова следува среде жешкиот бран што го погоди западниот брег на земјата, каде што се очекува температурите да продолжат да растат во наредните денови.

Националната метеоролошка служба објави дека оваа температура била измерена вчера во 15:41 часот по локално време, во близина на границата со Невада.

Досегашниот рекорд од 54 степени беше регистриран во 2013 година, исто така во Долината на Смртта. Во истиот национален парк во 1913 наводно биле измерени 56,6 Целзиусови степени, но ова денес се оспорува од некои експерти.

Надвор од САД, највисоката температура досега била измерена во Тунис во јули 1931 година – 55 степени.