Со концерт на „Ју-Ту“, во Лас Вегас се отвори спектакуларна сала со облик на сфера, чија изградба чинела 2,3 милијарди долари. Висок 111 и широк 157 метри, ова е најголемиот сферичен објект на светот, а може да прими над 18.000 луѓе.
Просторот е опремен со ЛЕД-екрани со висока резолуција и со илјадници звучници, кои даваат кристално чисто, повеќеслојно искуство. Меѓу технолошките атракции се и петте интерактивни хуманоидни роботи наречени Аура.

Идејата за проектот дошла од извршниот претседател на „Медисон сквер гарден“, Џејмс Долан.
„Ова е еден нов медиум. Кога сте во ‘Сферата‘, не ви се кажува што да гледате. Публиката одлучува на што ќе се фокусира“, изјави Долан.

Легендарниот ирски бенд не само што ја имаше честа да ја отвори салата, туку тука ќе одржи 25 концерти. Најевтините карти за отворањето чинеле 400 долари, а во публиката беа бројни ѕвезди од спортот и шоу бизнисот, како Опра Винфри, Леброн Џејмс, Мет Дејмон, Андре Агаси, Орландо Блум, Брајан Кренстон и други.
(Фото: Гети)