ВО ПАНДЕМИЈАТА СЕ НАМАЛИЛА УПОТРЕБАТА НА МДМА ВО ЕВРОПА, ДРУГИТЕ ДРОГИ СЕ ВО ПОРАСТ

Лисабон, (Ројтерс)

Затворањето на ноќните клубови и баровите за време на ковид карантините во европските земји веројатно е причината за значителен пад на користењето на МДМА минатата година, но затоа консумирањето на други супстанци, како кокаин и марихуана, продолжува да расте. Ова го утврди истражувањето на Агенцијата за дроги на ЕУ (ЕМЦДДА), која ги анализираше отпадните води на речиси 45 милиони луѓе во 75 европски градови.

Во половина од градовите е забележано зголемување на присуството на траги од кокаин, амфетамини, канабис и метамфетамини во отпадните води.

„Резултатите покажуваат пораст и ширење на повеќето од испитуваните супстанци, што укажува на продорен и сложен проблем со дрогите“, изјави директорот на ЕМЦДДА, Алексис Госдел.

И извештај на Обединетите нации од 2021 покажа голем пораст на користењето дроги низ светот како резултат на пандемијата.

Според ЕМЦДДА, во Европа се намалила само употребата на МДМА, што веројатно се должи на затворањето на ноќните клубови, каде што оваа дрога најчесто се консумира.