„КУЌА ОД ИВЕРКА“ ЗА ДЕЦАТА ВО УКРАИНСКАТА ВОЈНА ПОБЕДИ НА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ ЗА ДОКУМЕНТАРЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Сцена од „Куќа од иверка“. (Фото: ТДФФ)

„Куќа од иверка“ на данскиот режисер Сајмон Леренг Вилмонт e победник на 24. Солунски фестивал за документарци. Филмот е за мала група социјални работници кои се грижат за децата што живеат во непосредна близина до првата линија на војната во Украина, и освои Златен Александар и 10.000 евра, а ја доби и наградата на филмските кртичари ФИПРЕСЦИ. Како победник во главната конуренција, филмот се квалификува и за влез во трката за Оскар вгодина.

Специјалната награда на жирито и 5.000 евра освои „Младиот Платон“ на Деклан Мекграт и Неаса Ни Кјанан.

„Два длабоко трогателни и сложени филма кои, на многу начини, нè погодија како придружни дела и кои заслужуваат да се видат заедно. Специјалната награда на жирито оди за филм кој може само да ни даде надеж во идните генерации и нивниот капацитет да го направат светот подобро место. Наградата Златен Александар оди за незаборавен филм кој го осветлува товарот што го носат децата за ужасите и грешките што ги прави светот на возрасните кои треба да се грижат за нив“, рече жирито во образложението на наградите.

Македонскиот долгометражен документарец „Љубовната соба” на Сузана Диневски, доби награда на солунскиот филмски маркет Агора докс за филм во развивање. (Фото: ТДФ)

Филмот на Инка Ахте „Златна земја“ освои Златен Александар и 10.000 евра во конкуренцијата Новајлии, каде специјалната награда и 4.000 евра ја доби „Возачи на ѓаволот“ на Даниел Карсенти и Мохамед Абугет.

„’Златна земја’ раскажува грижлив татко и неговите деца кои патуваат назад во Сомалија од Европа. Преку кохерентно раскажување приказни и убава кинематографија, тој ги прикажува – на недидактички начин – борбите и соништата на едно семејство. Семејство кое се труди да изгради подобра иднина во и за земјата на нивните предци“, рече жирито за оваа награда.

Во третата селекција за награди победи „Невестата“ на Самира Гвадањуло и Тицијано Дориа, а специјалната награда ја поделија „Аматер“ на Мартин Гутиерес и „Писмо до Никола“ на Хара Каминара.

Наградите на 24. Солунски фестивал за документарци. (Фото: ТДФ)

„’Невестата’ е филм кој со минимални, но моќни и прецизни филмски средства, раскажува важна приказна за тоа како патријархалните општества ги репресираат жените. Наградата едногласно оди за впечатливиот филм каде тишината зборува погласно од гласот. За ‘Писмо до Никола’, ја доделуваме наградата за неговиот впечатлив визуелен јазик и трогателниот третман на режисерот кон мајчинството во турбулентни времиња. За ‘Аматер’ ја доделуваме наградата за неговиот шармантен и нежен аматерски изглед кој обединува три различни приказни во еден пејзаж“, реќе жирито.

Македонскиот долгометражен документарец „Љубовната соба” на Сузана Диневски, доби награда на солунскиот филмски маркет Агора докс за филм во развивање. Филмот се две интимни љубовни приказни на две млади жени чии сопрузи служат затворка казна во КПД Идризово, а наградата обезбедува поддрша за титлување на филмот на англиски и француски. Директор на фотографија е Фејми Даут, монтажата е на Горан Вуќиќ, музиката е на Дуке Бојаџиев.

М. КОСТОВА