Најстарото вино во течна форма е откриено во 2.000 години стара римска гробница во Шпанија, кажаа научниците.
Сместена во Кармона близу Севиља, гробницата била пронајдена во 2019 и истражувањата покажаа дека римјаните ја изградиле во првата половина на првиот век. Во гробницата била пронајдена урна со чудна смеса: покрај кремираните коски, внатре имало и црвено-кафеава течност.
По лабораториските анализи било утврдено дека течноста некогаш била бело вино кое сменило боја од хемиските реакции што се одвивале во изминатите 2.000 години.
„Римјаните граделе раскошни гробници, но оваа била скриена за да се заштити од ограбувачи, па останала недопрена цели два милениума“, изјави еден од водачите на истражувањето Хосе Рафаел Руис Аребола.
Виното било пронајдено во стаклена урна. Аребола кажа дека имало речиси пет литри течност.
Најстарото вино во течна состојба досега беше шишето од 325 година, откриено во римска гробница во Германија во 1867 година.