ВО ШТИП ЌЕ СЕ ПРОМОВИРА ПРВАТА КНИГА ЗА ОСНОВОПОЛОЖНИКОТ НА МУЗИЧКАТА УМЕТНОСТ ВО МАКЕДОНИЈА, СЕРГЕЈ МИХАЈЛОВ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

На 258 страници собрани се животот и делото на основоположникот на музичката уметност во Македонија, Сергеј Михајлов. Книгата за режисерот на првата опера во Македонија „Палјачи“, која била изведена на 29 август 1925 во Штип, содржи голем број досега необјавени податоци за него и стотина фотографии.

Промоцијата е закажана за 7 март во 12 часот на Факултетот за образовни науки во Штип. Промотори се проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска и академик Драги Ѓоргиев, а свое видување ќе даде и авторката Наташа Диденко од Националниот институт за историја, кој е издавач на монографијата.

„На книгата работев повеќе од две години. Ова е прво монографско претставување на животниот и творечки пат на рускиот емигрант Сергеј Михајлов, од раѓањето во Харков во 1885 до смртта во 1975 во Штип“, рече Диденко.

Според авторката, книгата ја открива незапирливата творечка, уметничка, театарска, музичка и педагошка дејност на Михајлов, посебно во Штип, каде што по поставувањето на првата опера, бил главен иницијатор за отворање на нижото, а подоцна и на средното музичко училиште, кое денес го носи неговото име.

Од 1925 до 1938 формирал музички школи и во Кочани, Кавадарци, Радовиш, Струмица, Неготино, Свети Николе, потоа и во Прилеп, каде што останал до 1951, кога се вратил во Штип. Погребан е на Градските гробишта во Штип.

Проф. д-р Наташа Диденко е музиколог и изучувач на културната историја на Македонија. Авторка е и на книгите „Ѓорѓи Доневски доајен во зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија“, „Октомвриското творештво на народни игри и песни во Битола, Штип и Скопје“, „Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации“ и „75 години повеќе од игра и песна: Ансамбл на народни игри и песни Орце Николов“.

Т. ЈОВАНОВСКИ