ВО СКОПЈЕ ДОГОДИНА ВО ОКТОМВРИ ЌЕ СЕ ОДРЖИ СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ХИП ХОП И СТРИТ ДЕНС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Светското првенство во хип хоп и стрит денс, во организација на студиото за хип хоп и модерни танци „Брејк а лег“, ќе се одржи во Скопје догодина, од 8 до 17 октомври во салата „Борис Трајковски“ .

Основачот на студиото Трајче Петковски изјави дека повеќе од 4.500 танчари од над 30 земји од пет континенти ќе се натпреваруваат во дисциплините хип хоп и стрит денс шоу во повеќе возрасни категории.

„Светското првенство е одлична можност за промовирање на македонските култура, уметност и традиција, но и потврда дека во Македонија има квалитетни танчари со неверојатни вештини и страст за танц. Голема благодарност до Светската танцова организација, која го препозна нашиот долгогодишен труд, но и заложбата за развивање на модерните танци во земјава“, рече Петковски.