ВО ТИХИОТ ОКЕАН ОТКРИЕН НАЈГОЛЕМИОТ КОРАЛ ДОСЕГА

Австралија, (Би-Би-Си)

Најголемиот корал досега е пронајден од научниците во југозападниот дел на Тихи Океан. Мегакоралот, кој е збир на многу поврзани, ситни суштества кои заедно формираат еден организам наместо гребен, би можел да биде стар повеќе од 300 години.

„Поголем е од син кит“, кажаа од тимот.

Тој бил откриен од видеографот Ману Сан Феликс, кој работи на брод на „Нешнал џиографик“, при посетата на зафрлени делови на Тихи Океан.

„Нуркав на место каде што според мапа требаше да има остатоци од брод, кога забележав нешто. Коралот изгледаше како подводна катедрала. Си помислив: ‘Ова било тука уште кога живеел Наполеон‘“, кажа Сан Феликс.

Научниците потоа измериле дека коралот е 34 метри широк, 32 метри долг и 5,5 метри висок.

Коралите се направени од стотици илјади живи организми наречени полипи, секој со свое тело и уста, кои растат заедно како колонија.

(Фото: Нешнал џиографик)