ЗА 15 ГОДИНИ УНИШТЕНИ 43 МИЛИОНИ ХЕКТАРИ ТРОПСКИ ШУМИ, РАМНО НА ГОЛЕМИНАТА НА ГЕРМАНИЈА

Женева, (ДПА)

Најмалку 43 милиони хектари тропски дождовни шуми, што е рамно на големината на Германија, се изгубени од 2004 година, се вели во нов извештај на Светскиот фонд за природа (ВВФ).

Огромни шумски пространства продолжуваат да се уништуваат секоја година, главно заради производство на храна. Анализата на ВВФ утврди дека 29 локации во Јужна Америка, Африка и Југоисточна Азија се одговорни за повеќе од половина од светските загуби на шуми.

„Меѓу најтешко погодените области се Амазонија и Серадо во Бразил, боливискиот дел на Амазонија, Парагвај, Аргентина, Мадагаскар, Малезија, како и Суматра и Борнео во Индонезија“, стои во извештајот.

Бразилскиот регион Серадо, дом на пет проценти од сите животни и растенија на планетата, изгубил 32,8% од своите шуми од 2004 до 2017 година.

„Шумите често се уништуваат заради производство на соја за хранење добиток, какао и говеда кои се извезуваат во Европска Унија. Една шестина од сета храна која се увезува во ЕУ е поврзана со уништувањето на шумите во тропските предели“, вели ВВФ.