„Дедо Мраз дојде со воз“ е насловот на мултимедијалниот новогодишен настан за деца што ќе се одржува на Железничката станица во Скопје. Премиерата е на 23 декември од 19 часот на сцената, музејската поставка и перонот број 1.
Организатор е училиштето за театар „Од игра до претстава“, во соработка со Македонски железници. Тие велат дека за потребите на претставата, покрај сценскиот и музејскиот простор, за кратко време успеале да реставрираат локомотива направена во 1942 година и вагон изработен во 1950-тите, кој бил во употреба до крајот на 1970-тите.
„Најмладите, но и сите возрасни кои веруваат во Дедо Мраз годинава ќе имаат уникатна можност да ја проследат оваа претстава која го следи големото доаѓање на Дедо Мраз во Скопје со вистински воз на перонот број 1. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на железничката станица“, велат организаторите.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Во претставата играат Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Мила Трајковски, Ведра Димова, Александар Спироски, како и децата од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
По премиерата на 23 декември, ќе има уште неколку изведби на претставата: на 26, 27, 29 и 30 декември од 19 часот. Билети можат да се купат на билетарницата на железничката станица и преку мрежата на Мк тикетс.