ЗА ДВА ЧАСА СЕ РАСПРОДАДЕ КОНЦЕРТОТ НА МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ ВО ШТИП, ПАРИТЕ ОД БИЛЕТИТЕ ЌЕ СЕ ВЛОЖАТ ЗА НОВА ОПРЕМА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

За два часа се распродадени 660 билети за новогодишниот концерт на Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип. Концертот ќе се одржи на 26 декември од 20 часот во големата сала на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.

Со оглед на големиот интерес, организаторот најави уште еден концерт, истиот ден од 17 часот. Од училиштето велат дека нема да има трет концерт. Цената на билетот е 250 денари и дел од овој приход, како што велат од училиштето, ќе биде инвестиција за подобрување на условите за идни вакви концертни настапи.

На концертот ќе учествуваат 250 ученици, а програмата ќе трае еден и пол час.

„Подготовките се во завршна фаза. Во проектот е вклучен голем број професори, а ќе настапат учениците од основното и средното музичко училиште, заедно со нивните хорови и оркестри. Новогодишните концерти се поддржани од Фондот на локалната заедница и се дел од проектот ‘Направи разлика‘. Планираме приходите да ги вложиме во набавка на опрема, во озвучување и осветлување, па во наредните години училиштето да има комплетна опрема за вакви концертни настапи“, вели директорот на училиштето Горан Кавраков.

Т. ЈОВАНОВСКИ